Косовската Влада ги презема последните подготовки за церемонијата за формирање војска, па така во име на премиерот Рамуш Харадинај се испратени покани за настанот, пишува „Газета блиц“.

Поканите се однесуваат за церемонија што ќе се одржи на 14 декември, во 17 часот, во касарната „Адем Јашари“ во Приштина.

Косовскиот министер за образование, Мухамет Кељменди, на „Фејсбук“ ги повика сите Албанци, каде и да живеат, финансиски да го поддржат креирањето и вооружувањето на војската. Тврди дека постојат закани и од север и од југ, а Албанците се наоѓаат помеѓу српски и грчки неофашистички напади.

Германската влада оценува дека формирањето косовска војска, најавено за 14 декември, го загрозува дијалогот меѓу Белград и Приштина и предупредува дека косовските власти мора да ја насочат енергијата во почнувањето социјални и економски реформи, како и јакнење на владеење на правото.

Реакцијата на Берлин следува еден ден откако новиот американски амбасадор во Приштина, Филип Коснет, оцени дека формирањето косовска војска е позитивен чекор пред изјавата на косовските лидери дека таа војска во иднина ќе биде дел од меѓународните мировни операции.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, вчера во одвоени разговори со косовскиот премиер и со српскиот претседател, Александар Вучиќ, кажа дека ваквиот потег на Косово доаѓа во лошо време и дека е против советите од многу НАТО-сојузници и може да има негативни последици за иднината на Косово. Тој рече доколку мандатот на Косовските безбедносни сили еволуира, НАТО ќе мора да го испита нивото на својот ангажман со Косовските безбедносни сили.

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде