Турскиот претседател Реџеп таип Ердоган денеска изјави дека во Европа ќе прати 3,6 милиони мигранти , кои се сместени во Турција, доколку европските земји и натаму ја нарекуваат турската интервенција во Сирија дека е окупација.

„Ќе ја отвориме вратата и ќе ви испратиме 3,6 милиони бегалци“, рече Ердоган во говорот пред членовите на неговата Партијата за правда и развој (АК партија).

Турскиот водач се налути од изјавата на Европската унија во која се повикува земјата „да стави крај на еднострана воена акција“, велејќи дека планот на Анкара за „безбедна зона“ нема „да ги исполни меѓународните критериуми за враќање на бегалците, дефинирани од УНХЦР“.

„Секој обид за демографска промена е неприфатлив. ЕУ нема да обезбеди помош или поддршка во областите каде не се почитуваат локалните права“, се додава во соопштението.

ЕУ им се придружува на другите земји и организации во осуда на воениот напад на Турција во Сирија, кој започна вчера и во кој досега се убиени најмалку осум цивили, меѓу кои и две деца.

Ердоган тврди дека оваа воена операција го брани територијалниот интегритет на Сирија, спротивставувајќи се на курдската контрола на североистокот на земјата.

Говорејќи пред пратениците, тој додаде дека 109 терористи биле „досега убиени “.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде