Фабио Капело и голем дел од италијанските фудбалски легенди беа доста критични настроени кон Јувентус кој дефинитивно одигра далеку под своите можности на гостувањето во шпанската престолнина, но за разлика од вообичаените коментари со кои голема заслуга му се даде и на Атлетико Мадрид, вечерва пристигна еден жесток коментар за тимот од „Ванда“.

Кристоф Дугари во својата анализа која ја направи за угледното радио „РМЦ“ брутално распали по стратегијата на Чоло Симеоне и однесувањето на сите играчи на Атлетико Мадрид, бидејќи според него нивниот притисок кон судијата во првото полувреме бил крајно непрофесионален и нефудбалски.

Јувентус потклекна во самата завршница на мечот и прими два гола од прекин ситуации, а иако Атлетико покажа значителна борбеност и умешност во скок играта, поранешниот француски напаѓач го осудува пристапот на играчите и константниот притисок кон арбитарот.

– Во првото полувреме не видов ништо на тактички, ниту пак на технички план. Видов само играчи кои без престан само викаа и врше притисок врз судијата. Тоа беше вистински срам, ужасно. Потоа, дел од навивачите му посакуваа смрт на Роналдо. А, за крај, Симеоне ги покажа гениталиите кога дадоа гол. За мене, ова е одење предалеку. Сепак, ова е само фудбал, не е војна. Прифаќам да се има идентитет со пристапот на игра, но сметам дека овој Атлетико ги надминува границите на дозволеното, – заклучува поранешниот напаѓач на Бордо, Милан и Барселона.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде