Манчестер Јунајтед го запиша првиот пораз во петтиот дуел со Барселона на домашен терен. Вечерва во првиот меч од четвртфиналето на Лигата на шампионите загуби со 1:0. Како и во осминафиналето „црвените ѓаволи“ се принудени на реваншот да бркаат дефицит, а овојпат тој е само еден гол. Ако направија чудо во Париз се надеваат дека истото ќе го повторат и на „Ноу Камп“. Барса одигра квалитетно и може да се каже онолку колку што требаше за победа. Стисна на почетокот на мечот, поведе и потоа се обидуваше да ги држи фудбалерите на Јунајтед подалеку од својот гол.

По првите половина час игра Јунајтед беше во подредена улога на теренот. Барса ја држеше топката и диктираше темпо, а и поведе во 12. минута. Меси нафрли, Суарез шутира со глава, а топката веќе влезе во голот пред Шо да реагира. Сепак, погодокот му е впишан на бекот на Манчестер. Судијата мораше да се консултира со ВАР собата  околу регуларноста на голот и доби потврда. Барса води со 1:0.

Манчестер Јунајтед можеше да изедначи во 40. минута кога Диего Далот се најде осамен на втората статива меѓутоа само покажа дека играта со глава не му е силна страна.

Во второто полувреме очекувана слика – Јунајтед заигра поофанзивно, тренерот Солскјер сакаше да ја забрза играта и го внесе Рашфорд на местото на статичниот и неимпресивниот Лукаку. Подоцна влезе и Лингард. Тоа малку го раздвижи нападот но недоволно да се затресе мрежата на Тер Штеген.

Барса се најде многу блиску до полуфинале и конечно да стави крај на трите едноподруго сезони во кои се сопнуваше во четвртфиналната фаза.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде