Финалето на Ролан Гарос беше само уште една потврда дека тенисерите од младата генерација се уште не можат да се носат со играчите од „големата тројка“ која веќе со години ја сочинуваат Федерер, Надал и Ѓоковиќ, без оглед на тоа што Доминик Тим втора година по ред се прикажа навистина добро на Френч Опен.

Австриецот е исклучително константен на земјена подлога, но сепак во неделата видовме исто сценарио како пред една година, откако беше приморан да му подаде рака на подобриот Надал кој по 12-ти рекорден пат го освои трофејот на Френч Опен. Со овој успех, Надал стигна до 18-от грен слем трофеј во својата кариера, па сега има два помалку од Федерер, односно три повеќе од Ѓоковиќ кој стигна до полуфиналето.

Новото славје на Рафа во Париз ги воодушеви тениските експерти, но наспроти сите пофалби кои ги добива Шпанецот, со една интересна анализа излезе легендарниот Борис Бекер кој испрати жестоки критики за играчите од таканаречената „следна генерација“.

– Прочитав еден податок кој е навистина загрижувачки. Освен Тим и Раоноќ, ниту еден активен играч надвор од „големата тројка“ кој има помалку од 28 години нема играно во финале на грен слем. Ова не е воопшто дборо, никако не може да биде комплимент за играчите кои имаат помалку од 28 години. Немој да ми велите дека останатите се многу добри. Треба да почнеме да ги доведуваме во прашање вистинските квалитети на овие млади играчи и нивната посветеност. Едноставно ова нема смисла. Ги почитувам многу Федерер, Надал и Ѓоковиќ, но младите играчи мора да се докажат, редно време е. Мора да сведочиме како млади играчи ги победуваат додека играат на врвно ниво, тоа треба да биде нормално во тенисот. Се надевам дека брзо ќе дочекаме такво нешто, – вели Германецот кој на свои 17 години го освои Вимблдон.

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде