Романската полиција пронашла десетина пакети кокаин со вкупна тежина од околу 100 килограми кои бранови ги исфрлиле на брегот на Црното Море. Властите сметаат дека оваа дрога е дел од багажот откриен на бород што пред десетина дена се превртел во делтата на Дунав.

Според полициски извори, пакетите ги пронашле граѓани на плажите на романскиот брег и ги предупредиле властите, пренесуваат романските медиуми.

Полицијата од градот Констанца ги предупредила жителите да не ги отвораат пакетите на плажата, бидејќи тие содржат опасни супстанции и апелирала во случај да забележат нешто сомнително да пријават во најблиската полициска станица.

На брегот на Црното Море во тек е голема операција во врска со шверцот на дрога, спроведена од романското обвинителство, полицијата и граничните служби.

Романските власти пред десетина дена запленија повеќе од еден тон кокаин со висок квалитет, кој бил скриен на брод што се превртел во делтата на Дунав, а потоа беше соопштено дека полицијата уапсила двајца Срби.

Уличната вредност на запленетата дрога се проценува на 300 милиони евра, пренесе агенцијата АП.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде