Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини учесничките на собирот во знак на протест одржан во петокот на Меѓународниот ден на жената во центарот на Истанбул дека му нанеле навреда на исламот, исмевајќи го повикот за молитва од блиската џамија.

Неколку илјади жени се собраа во петокот вечер во центарот на Истанбул во знак на протест по повод Меѓународниот ден на жената, но полицијата ги растера со солзавец.

На предизборниот собир во неделата пренесуван на телевизија, Ердоган прикажа видео снимка од протестот на која се гледа како жените извикуваат слогани додека од блиската џамија верниците се повикувани да дојдат на молитва.

„Тие со слогани, потсмев и свиреж го навредија повикот за молитва“, рече тој.

Жените кои учествуваа на протестот објавија на Твитер дека извикувањето слогани и свирежите биле дел од протестот и дека не биле насочени против повикот за молитва, кој започнал во текот на нивниот протест.

Турската полиција редовно ги спречува протестите во центарот на Истанбул и на други места. Анкара ги заостри ограничувањата по воведувањето вонредна состојба поради неуспешниот обид за државен удар во 2016 година. Вонредната состојба е укината во јули минатата година.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде