Вкупно 13 лица се загинати, седум на лице место, а шест  подлегнале на повредите во болница по тешката сообраќајка што се случи на патот  Скопје-Тетово кај Карпалак, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Како што изјави Филипче кој и самиот веднаш се упатил на местото на несреќата, медицински екипи реагирале веднаш и им укажале помош на повредените.

-Во ГОБ 8 Септември се примени 25 пациенти од кои 22 се хоспитализирани , 4 се на интензивна нега , двајца се подготвуваат за хируршка интервенција. Во Ургентниот центар се примени пет пациенти , тројца со полесно повредени, меѓу кои и една бремена жена која ќе биде пуштена на домашно лекување, едно лице се подготвува за хирирушка интервенција, а едно е во тешка животно загрозувачка состојба, истакна Филипче од Градската општа болница 8 Септември.

Во старата градска болница во Скопје, како што рече тој, е хоспитализирано едно лице.

-Искрено жалам, изреагиравме веднаш кога ја добивме информацијата. Сите екипи на Итна помош беа на лице место, се даде соодветна помош и се продолжува текот на лекување кај пациентите кои се сместени во болничките установи. Се надевам дека нема да има дополнителни компликации  и дека тие што се во тешка животно загрозувачка состојба ќе ја надминат, рече министерот.

Според него, се вршат проверки. -Го знаеме идентитетот  на пациентите што се примени свесни, а во моментов полицијата работи на утврдување на останатите. Нема деца меѓу повредените, но има лица на 25-30 години, информира Филипче.

Лицата што починале во болничките установи биле реанимирани, но неуспешно. Една пациентка е почината во Старата градска болница, а петмина во ГОБ 8 Септември.

Повеќето пациенти хоспитализирани во ГОБ, дополни министерот се политрауматизирани со опфатени повеќе системи. Возачот на автобусот не е меѓу загинатите.

Министерот неможеше да каже дали се работи за работници кои се превезувале дома, како што информираа некои од медиумите.

-Полицијата разговараше со возачот, можете да ја прашате, рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали возачот имал инфаркт.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде