Социјалдемократската партија постигна тесна победа на парламентарните избори што се одржаа во Финска, со освоени 17,7 отсто од гласовите.

Веднаш зад неа е евроскептичката екстремно десна Партија на Финците, со 17,5 отсто, покажаа прелиминарните резултати.

„Првпат од 1999 година ние сме најголемата партија во Финска“, рече лидерот на СДП, Анти Рине.

Но со поделените гласови и без јасна победа на една партија, може да му биде тешко да изгради функционална коалиција.

Зелените и Левата алијанса исто така добија поголем процент гласови. Ова е првпат во повеќе од еден век ниедна партија да не освои над 20 отсто од гласовите.

Излезноста на изборите беше 72 отсто.

Според резултатите врз основа на 90 проценти изброени ливчиња, социјалдемократите ќе имаат 40 места во парламентот од 200 места, Партијата на Финците 39, а Конзервативната партија на националната коалиција 37.

Партијата на центарот на премиерот Јуха Сипилjа, главна партија во владата во заминување, освои 32 места.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде