Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски официјално со пригодно обраќање го отвори 72 состанок на  Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика (ИЦМПД), што денеска и утре се одржува во Охрид,  посветен на повеќе актуелни прашања од областа на миграциите.

 “Ми претставува чест што мојата држава го презеде претседавањето со Управната група на Меѓународниот центар за развој на миграциска политика оваа година, а особено што со тоа, се надевам, фокусот на активности на оваа реномирана организација уште повеќе ќе биде свртен кон земјите од Западен Балкан токму во време на силно зајакнати наши напори, но и на другите земјите од регионот за интеграција во евро-атлантските структури.

Илустрирајќи го товарот што нашата држава го понесе во текот на 2015 и 2016 година кога низа територијата на Република Северна Македонија, како дел от т.н. западнобалканска миграциска рута, транзитираа околу 800.000 мигранти од кризните подрачја на Блискиот Исток, северна Африка но и од Средниот Исток, министерот Спасовски посочи дека со затворањето на западнобалканската рута, за жал, не завршија и предизвиците на ова поле.

“Сведоци сме на постојани обиди за нејзино „оживување„, на илегален начин – мигрантите се уште се обидуваат илегално, самостојно или со помош на криумчари да транзитираат низ Република Северна Македонија кон север и понатаму кон своите крајни дестинации. Податоците за 2018 година укажуваат на зголем број на обиди за илегално преминување на јужната граница, а зголемен е и бројот на откриени мигранти. А она што највеќе загрижува е што голем дел од илегалните мигранти се обидуваат да користат услуги на криумчари на мигранти, не само во земјава, туку и во целиот регион“, нагласи Спасовски.

 Иако според Спасовски, независно од таквите трендови безбедносната состојба на државните граници во моментов  генерално е поволна, тој акцентираше дека за одржување на таквата состојба, но и за соодветно справување со евентуален иден масовен прилив се преземаат низа мерки и активности,  а продолжено е и времетраењето на Одлуката за прогласување на кризна состојба на подрачјето на јужната и северната државна граница, што овозможува непречено користење на потребните национални ресурси и капацитети за справување со предизвикот.Министерот Спасовски, меѓу другото, ги посочи и Договор за статус меѓу ЕУ и Република Северна Македонија со кој Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража и Република Северна Македонија како рамноправни партнери ќе преземаат заеднички акции насочени кон спречување на илегалната миграција и прекуграничниот криминал, потоа новите Закони за странци и за меѓународна привремена заштита со коишто се усогласува националното со европското законодавство, но наедно се отстранува дел од постоечките празнини и слабости воочени во текот на справувањето со мигрантскиот бран.

“Сепак“, како што потенцираше министерот Спасовски – “сите сме свесни дека кога станува збор за илегалната миграција, се говори за глобален проблем, динамичен и со тенденција на брзи промени на трендовите, појава која зависи од многу надворешни фактори на која државите, немаат големо внимание. Оттаму, колку и да е добро испланирана и имплементирана, ниту една мерка или активност долгорочно нема да биде доволна за успешно справување доколку остане во национални рамки, односно доколку не е дел од еден поширок и координиран одговор на сите засегнати земји од регионот, па и пошироко“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде