Гордана Сиљановска-Давкова денеска имаше обраќање пред граѓаните во општина Центар. Таа рече дека општина Центар е местото на нејзиното детство.

Посочи дека е среќна што расне нејзиниот процент на поддршка кај Албанците во Македонија. Бидејќи на избори одат поединци, а тоа се нејзините бивши и сегашни студенти, тоа се тие на кои била ментор, наследници на нејзините побратимци од Кичево и знаат што е беса. Знаат да препознаат кој е нивен претседател. И таа одговорно тврди дека тоа ќе го оствари.

„Дојде едно страшно време, невреме речиси 30 години закопани во транзицијата. Никако да влеземе во демократска консолидација. Ама не можам да споменам нешто. Секоја приватизација е всушност грабеж. Секоја приватизација е првобитна акумулација на капиталот. И англиските економисти велат дека во 19 век овците ги изеле луѓето во Англија. Во Македонија политичарите и менаџерите на оваа власт во 90-тите ги изедоа граѓаните и работниците“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Таа појасни дека преку ноќ се создаде една олигархиска група која не знае што да прави со парите и затоа е шокантно кога ќе се види како социјалдемократи се фалат со енормни богатства.

„За социјалдемократите социјалната држава треба да е најважната, а пирамидата во која денес живееме е преостра бидејќи на врвот има помалку од 10% пребогати луѓе. Средниот слој, интелигенцијата ја нема бидејќи осиромаши. А, на дно се сите сиромашни. Единствена реформа што ја направи оваа власт, за жал, болната реформа на името. Ама како што гледате, не сум јас таа што живее во облаците на правото и правдата, и на идеализмот. Чувте што мисли Кире Лазаров, и дали тој го употребува името Северна Македонија кога ќе ја прослави Македонија како победничка со Исланд. Не, така мислат најголем број не само Македонци туку и луѓе во Република Македонија. Не се менува името тукутака“, потенцира Сиљановска Давкова.

Сиљановска-Давкова на крај на граѓаните од општина Центар истакна дека ако победи на овие избори, ќе се види дали премиерот ќе го одржи зборот барем еднаш и ќе распише предвремени парламентарни избори. И се знае однапред кој ќе победи на тие избори, Македонија. Правдата во Македонија ќе победи и ќе го турне ова црнило кое владее сега.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде