Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

Пред една година, Европската Унија им порача на две балкански земји дека месецов може да добијат зелено светло за да почнат разговори за членство, ако ги остварат потребните чекори.

Европската комисија вели дека двете земји, Северна Македонија и Албанија, го направиле токму тоа. Но ниту една нема да добие зелено светло на состанокот на министрите на ЕУ следната недела, особено благодарение на Франција и Германија. Париз е главен скептик кога станува збор за проширувањето на ЕУ, додека Берлин не може да донесе одлука, бидејќи германскиот парламент допрва треба да го каже својот став.

Неуспехот да се постигне договор за поканување на двете земји да ги почнат разговорите разгневи некои други членки на ЕУ и претставници на Европската комисија. Тие тврдат дека одложувањето на одлуката го поткопува кредибилитетот на блокот, ги става проевропските влади на двете земји во опасност и ризикува да ги зајакне стратегиските ривали во регионот како што се Русија, Кина и Турција.

Противниците на почнувањето разговори ги набројуваат длабоко вкоренетите проблеми на Западен Балкан со корупцијата, организираниот криминал и сиромаштијата и неговата неодамнешна историја на конфликти. Некои официјални лица, исто така, велат дека популистичките партии во Западна Европа ќе го искористат секој потег од доближувањето на двете балкански земји до блокот за да го засилат антиевропското чувство.

Дипломатите велат дека овој состанок во вторник на Советот за општи прашања на ЕУ во Луксембург, најверојатно, ќе ја одложи одлуката до крајот на оваа година, најверојатно до септември или октомври. Некои укажуваат дека барем Северна Македонија може да добие зелено светло во таа фаза, додека изгледите за Албанија се чинат понеизвесни.

Дипломатите на ЕУ сега се обидуваат да се договорат за текстот што ќе постигне рамнотежа меѓу ставовите на 28-те членки на блокот и сè уште им даваат надеж на Скопје и на Тирана дека подоцна годинава ќе можат да го добијат ветеното.

Еден висок дипломат на ЕУ ги опиша разговорите како „нервозни“, нагласувајќи дека Западен Балкан, мал дел од континентот, предизвикува големи емоции меѓу земјите-членки на ЕУ, повеќе од две децении по војните што ја разорија Југославија, а доведоа и до тензии првенствено меѓу западноевропските метрополи.

Како знак за тоа колку е деликатно ова прашање, Франција и Германија дури и предложија фразата „Советот ја поздравува“ препораката на Комисијата за почеток на преговорите за членство во нацрт-текстот да биде заменета со понеутралната „Советот ја прими“, рече друг дипломат, кој бил присутен на разговорите.

Лидерите во Скопје и во Тирана – и нивните поддржувачи во ЕУ – се загрижени дека од сега до следниот рок може да се случат многу работи што ќе ги намалат нивните шанси. Тоа може да биде сè – од поголема политичка нестабилност во Албанија, каде што претседателот и владата се во конфликт поради неговите обиди да ги поништи локалните избори поради бојкот на опозицијата, сè до пад на германската коалициска влада.

„Нашата цел е да почнеме разговори пред крајот на годината, без разлика дали одлуката е донесена пред или по летото“, рече министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров. „Колку побрзо ќе се донесе одлуката, толку помалку ризици ќе имаме“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде