Со цел да ги пресретнат роковите од следниот извештај на Европската Комисија, избегнување на натамошно одолговлекување и натамошни повреди на човековите права на граѓаните, граѓанските организации денеска на прес-конференција побараа Собранието веднаш да свика седница на матичната Комисија за труд и социјална политика и да ја заврши законодавната постапка за донесување на Закон за спречување и заштита од дискриминација пред стартот на претседателските избори. Организатори и поддржувачи на барањата се 100 здруженија, сојузи и фондации и мрежи на граѓански организации.

– Бараме претседателот на Собранието итно да преземе мерки за донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и ги повикуваме сите пратеници да го поддржат неговото донесување. Законот веќе осум месеци е заглавен во Собранието, посочи Драгана Трендаревска од Мрежа за заштита од дискриминација.

Таа додаде дека претседателот на Комисијата за труд и социјална политика одбива да го стави законот на дневен ред на матичното тело, а додека останатите во Собранието и претседателот на Комисијата за заштита од дискриминација делуваат непрофесионално и необјективно, посочи Драгана Трендаревска од Мрежа за заштита од дискриминација.

– Апелираме до сите по итно законот да биде ставен во собраниската процедура. Ова не го говорам во мое име, туку го говорам од името на разни етнички заедници, од името на Ромите и жената Ромка, од името на луѓе со попреченост, од сексуалните работници, луѓето кои употребуваат дрога, луѓе кои се пациенти по разни основи, пред се луѓе кои се сиромашни и исклучени по различни основи, посочи Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

Со овој закон, како што рече Дуковска, покрај тоа што се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од неа, промените се однесуваат и во делот на основите на дискриминација односно се менува и подобро се дефинира поимникот и дефиницијата за дискриминација.

– Овој закон е од исклучителна важност за процесот на пристапување на државата во Европска Унија. Постоечкиот закон не е во согласнот со европското законодавство, и ние континуирано добиваме забелешка од Европската Комисија дека истиот треба да ги вметне сексуалната ориентација, родовиот идентитет како основи, посочи Симонида Кацарска од Институт за европска политика.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде