Пред една година велеше дека го слуша срцето и не размислува да го напушти Атлетико Мадрид, но по само една сезона Антоан Гризман се предомисли и се наоѓа на излезни врати од „Ванда Метрополитано“.

Како што објавува информираната „Марка“, францускиот ас попладнево имал состанок со Диего Симеоне и му открил дека ја завршува својата ера во редовите на Атлетико, а тоа значи дека викендов што следува ќе го одигра последниот натпревар во овој дрес.

Гризман пред стартот на оваа сезона се реши да го продолжи договорот со „јорганџиите“, а интересно е тоа што до 1 јули сумата за откупната клаузула ќе падне за 80 милиони евра, односно од 200 се намалува на 120 милиони, што сигурно нема да биде проблем за неколкуте гиганти кои се заинтересирани за него.

„Марка“ смета дека Французинот на маса имал неколку примамливи понуди, но најверојатно ќе ја прифати таа на Барселона. Веста ја потврди и клубот и самиот фудбалер кој се огласи со видео изјава на Твитер.Донесов одлука да си заминам и да започнам нова авантура. Им ја соопштив одлуката на тренерот и директорот и спремен сум за нов предизвик. Минав прекрасни пет години и ги освоив првите трофеи во мојата кариера. Клубот и навивачите секогаш ќе ги носам во срцето“, порача Французинот.

Многумина сметаат дека заминувањето на неговиот најдобар пријател и кум, Диего Годин, само ја забрза одлуката на Гризман да си замине од Мадрид.

Атлетико и оваа сезона остана без ниту еден трофеј. Примера ќе ја заврши на втората позиција, додека во Лигата на шампионите забележа елиминација уште во осминафиналето од Јувентус.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде