Холандија е репрезентацијата што ќе се сретне со Португалија во големото финале од премиерното издание на Лигата на Нации, откако „лалињата“ во вечерашното супердраматично полуфинале по продолженија од двапати по 15 минути ја совладаа Англија со 3-1. Англичаните имаат за што да жалат бидејќи го прокоцкаа водството од 0-1 што го имаа по првото полувреме, а двата гола што ги примија во продолжението беа по катастрофални грешки на избраниците на Герет Саутгејт.

Холандија беше подобар противник од почетокот, но сепак „гордиот албион“ прв поведе по големата грешка на Де Лихт, кој ја загуби топката во шеснаесетникот и го фаулираше Рашфорд, по што истиот фудбалер успешно го изведе пеналот. Саутгејт и неговите избраници уште долго ќе жалат за промашената шанса на Лингард, кога фудбалерот на Манчестер Јунајтед при резултат 1-0 од пет метри со глава биеше директно во противничкиот голман.

Клучен момент беше влегувањето на Промес на местото на Рајан Бабел, бидејќи токму асот на Севилја беше човекот на одлука на ова полуфинале. Стоунс почетнички ја загуби топката на самиот старт од првото продолжение, Пикфорд го одбрани ударот на Депај, но на одбиената топка натрчаа Промес и Вокер, двајцата ја допреа, но англискиот дефанзивец во обид да ја исфрли ја смести во сопствената мрежа.

Сите дилеми околу победникот и патникот во финалето исчезнаа во 114. минута, кога Баркли му ја подари топката во својот шеснаесетник на Депај, овој го проигра Промес, кој немаше тешка задача да ја смести во празната мрежа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде