Собранието на Република Северна Македонија, во рамки на денешната 94 седница усвои повеќе закони кои претседателот Ѓорге Иванов одби да ги потпише и ги врати назад до пратениците, меѓу кои законите за електронски комуникации, за ОТА и за данокот на додадена вредност.

Без дебата, како закони во трето читање, Собранието ги изгласа и законите за изменување и дополнување на законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица, за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, за слободен пристап до информации од јавен карактер и за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Заменикот претседателот на Собранието, Горан Мисовски, информираше дека „согласно информацијата од Претседателот на Република Северна Македонија, со која го информира Собранието дека одлучил да не ги потпишува указите за повеќе закони, Собранието овие Закони ги разгледува како закони во фаза на трето читање”.

„Согласно член 75 став 2, Собранието повторно го разгледува Законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници претседателот е обврзан да го потпише указот”,  потсети Мисовски.

На почетокот на денешната седница, тој информираше дека по координација со координаторите на пратеничките групи било договорено да се продолжи со гласање по законите без расправа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде