Оле Гунар Солскјер се соочува со неверојатни главоболки околу составувањето на тимот кој ќе го понесе товарот во клучниот дел од сезоната.

„Ѓаволите“ се во игра на неколку фронтови и ќе се обидат да стигнат до што подобри резултати во завршниот дел од сезоната.

Манчестер Јунајтед на натпреварот против Кристал Палас кој на програмата е закажан за утре ќе биде без девет свои првотимци од кои дури шестмина се стандардни. Оле потврди дека нема да ги има на располагање Фил Џонс, Џеси Лингард, Немања Матиќ, Антони Марсијал, Андер Ерера, Хуан Мата, Матео Дармијан, Антонио Валенсија, а мали се шансите да настапи и Маркус Рашфорд.

-Тројцата кои мораше да излезат против Ливерпул нема да бидат подготвени. Што се однесува до Рашфорд, ќе видиме дали ќе биде подготвен затоа што неговата повреда не беше толку лоша колку што мислевме. Сепак, нема да брзаме и веројатно тој ќе биде на клупата за резервни фудбалери- коментираше Солскјер на денешната прес конференција, а потоа потенцираше уште на кои фудбалери нема да може да смета во следниот период.

-Матео Дармијан тренираше, но нема да биде подготвен. Фил Џонс е болен и ќе биде надвор од терените барем една недела. Валенсија е подолг период надвор од терените и ќе му требаат  уште неколку недели за да заздрави комплетно. Исто така и Марсијал нема да биде подготвен и со него нема да ризикуваме како со Лингард- заклучи Солскјер.

Привремениот предводник на „Ѓаволите“ потврди дека против Кристал Палас шанса ќе добијат помладите фудбалери како Анхел Гомес, Тахити Чонг и Џејмс Гарнер.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде