Полицијата лани му напиша кривична пријава за злоупотреба на службената положба, но Обвинителството за организиран криминал пресече дека нема докази да го гони. Директорот на МРТВ, Марјан Цветковски куртули од кривичен прогон откако МВР лани поднесе пријава против него за изборот на фирмата „Аналитика“ електронски да го мери ТВ аудиториумот.

МВР се сомневаше дека со изборот на компанијата на тендер, Цветковски ù овозможил да наплати 20 илјади евра повеќе на штета на буџетот. Но, обвинителството одлучило да ја запре постапката против Цветковски.

Во организиран криминал образлагаат:

Од прибраните докази е утврдено дека во дејствијата на осомничените нема елементи на кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, ниту на друго кривично дело што се гони по службена должност. Исказите на сведоците, поткрепени со материјални докази и тоа извод од трансакциска сметка од која се гледа дека разликата на повеќе исплатениот износ е вратена од страна на понудувачот.“

Откако, Цветковски ја преживеа оваа пријава на МВР, пред него е нов предизвик – ревизорскиот извештај за работата на МРТВ за 2017 – година. Државниот ревизор откри низа неправилности во работењето на телевизијата. Па така, извештајот ќе се најде пред Антикорупционерите, а наодите од ревизијата веќе ги истражува и финансиската полиција. Во извештајот е наведено дека Цветковски овластил раководител на сектор да потпишува документи во негово име, па поради тоа ревизијата се сомнева дека имало незаконско работење.

Дополнително во МРТВ недостасува опрема. Ревизорите откриле дека Програмскиот совет и Надзорниот одбор иако не надлежни дале зелено светло телевизијата да се задолжи со кредит од 2,2 милиони евра. До банката бил доставен и бизнис план за инвестициите на јавниот сервис. Добиле заем, но наместо инвестиции, јавниот сервис со парите почнал да се раздолжува.

Ревизорите во извештајот навеле дека наодите во документот се во надлежност на директорот Марјан Цветковски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде