Вејн Руни  имаше проштална ноќ на „Вембли“ и доби громогласен аплауз од фановите за својот последен настап во дресот на англиската фудбалска репрезентација, а со оглед на тоа што најдобриот голгетер во историјата на селекцијата е крајно актуелен во последните неколку дена, од последното интервју за „Скај Спортс“ за издвојување е и делот во кој тој говори за своите последни денови во Манчестер Јунајтед.

Дефинитивно не треба да се заборави дека Руни е рекордер и по постигнати голови во историјата на Манчестер Јунајтед, клуб од кој тој одлучи да се раздели во 2017 година, непосредно по освоената титула во Лига Европа.

Незаборавниот голгетер и капитен на Јунајтед имаше навистина тешка сезона во својата последна година како член на „црвените ѓаволи“, а сега одлучи да откри кои два меча го натерале дека е време за промена. Во неговата последна сезона, Јунајтед играше во две финалиња, она во ЕФЛ Купот и она во Лига Европа, а иако Руни се радуваше на двата трофеи, тој немаше никаков удел при освојувањето на истите.

– Влегов само за да одиграм една минута на финалето во Лига Европа. Требаше да влезам и со Саутемптон во финалето на Лига купот, а сето тоа направи да поцрвенам од срам. Тие моменти беа засрамувачки за мене. Дојдов до точка каде се срамев од самиот себе. Си реков дека не можам да продолжам да си го правам ова на себеси, колку и да беше тешко да се напушти Јунајтед. По мечот со Саутемптон, Мурињо ми пријде и ми кажа дека сака јас да го подигнам трофејот. Во себе си реков, „па јас не ни играв на овој меч“. Тој настојуваше да го направам тоа, па одлучив да го подигнам, а потоа веднаш да го предадам на соиграчите. Тогаш сфатив дека мора да одам на друго место, – открива Руни.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде