Непосредно пред сезоната на летните одмори, Европската комисија објави извештај за квалитетот на водата за капење во земјите членки, како и во Албанија и Швајцарија.

Најновиот извештај за квалитетот на водата за капење во Европа е заснован на податоци за 2018 година, но е добар показател за тоа каде ова лето ќе најдете вода за капење со најдобар квалитет.

Највисок процент 95,4, од вкупно 21.831 места за капење што се контролираат во 28 земји-членки на ЕУ исполнуваат минимални стандарди на квалитет на ЕУ, се наведува во овогодишниот извештај на Европската комисија и Европската агенција за животна средина.

Во четири земји, 95 отсто или повеќе од сите места за капење имале вода со одличен квалитет – Кипар имал 99,1 отсто, Малта 98,9 отсто, Австрија 97,3 отсто и Грција 97 отсто. И Хрватска е на врвот на листата со 94,4 отсто, додека овој процент во Словенија е 87,2 отсто. Во Албанија од сите места за капење, 62 отсто имале одличен квалитет на водата. Овој процент во Бугарија е 52,6 отсто, а во Романија 56 отсто.

Сите места за капење што се покриени со извештајот за Кипар, Грција, Летонија, Луксембург, Малта, Романија и Словенија, имале доволно добар квалитет на вода во 2018 година.

Три земји со најголем број места за капење со вода со лош квалитет биле Италија (89 или 1,6 отсто), Франција (54 или 1,6 отсто) и Шпанија (50 или 2,2 отсто). Во овие земји процентот на места со одличен квалитет на вода изнесувал: 90 отсто за Италија, 78,8 отсто за Франција и 87 отсто за Шпанија.

Во споредба со 2017 година, бројот на места за капење со лош квалитет на вода е намален во Франција (од 80 на 54), додека во Италија е зголемен (од 79 на 89) и Шпанија (од 38 на 50).

Контаминацијата на вода со фекални бактерии претставува ризик за здравјето на луѓето, особено кога станува збор за места за капење. Пливањето во контаминирани води на море и езеро може да доведе до болести. Главните причинители за загадувањето се отпадните води од земјоделските имоти и земјишта. Овој вид на загадување се влошува во време на големи дождови и поплави, што доведуваат до излевање на канализацијата и загадените води во реките и морињата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде