Лидерката на опозициската Бугарска социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова денеска ја повлече својата оставка на лидерската функција.

Повлекувањето на оставката, Нинова го најави во обраќање на 49-от Конгрес на БСП, што се одржува денеска во Софија.

– Јас сум тука, се вратив. Почитувани социјалисти, подготвувајте се за локалните избори. Не само за да освоиме функции, туку за да имаме лостови заедно да ја промениме Бугарија, изјави Нинова во обраќањето на Конгресот.

Таа се осврна и на нејзините постигнувања како лидер на БСП, посочувајќи дека под нејзино водство партијата функционирала како опозиција, без да прави договори со власта.

– Ви ветив дека ќе ја исправам БСП на нозе. Победивме на претседателските избори и ја зајакнавме позицијата во ПЕС (Партијата на европските социјалисти). Сето тоа го направивме во услови на авторитарно и лично владеење на (бугарскиот премиер) Бојко Борисов, нагласи Нинова.

Повлекувањето на оставката на Нинова уследи откако повеќето делегати на Конгресот во своите обраќање оценија дека во моментов партијата нема објективни причини за избор на нов лидер, како и дека огромно мнозинство од членовите на БСП сакаат токму таа да биде на лидерската функција.

Нинова поднесе оставка на функцијата по поразот на БСП на изборите за членови на Европскиот парламент на 26 мај. На изборите, БСП освои 24,26 отсто од гласовите и пет од 17-те бугарски места во Европскиот парламент, заостанувајќи зад владејачката партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ) на Борисов за 6,81 процентни поени.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде