Граѓаните на Косово во петокот протестираа и бараа правда за девојка која тврди дека прво била силувана од еден наставник, а две години подоцна, кога отишла да го пријави случајот, и од еден полицаец, пишува „Гардијан“.

Пред две години една тинејџерка била силувана од еден наставник во училиште во градот Глоговац (Дренас), 30 километри западно од Приштина. Според написот на порталот „Инсајдери“, девојката отишла да пријави напад во полиција, но полицискиот службеник кој требало да ја заштити ја злоупотребувал една година. Во таа година полицаецот ја силувал девојката, ја уценувал и ѝ се заканувал.

Девојката останала бремена, а полицаецот ја принудил да абортира.

Полицијата во четвртокот објави дека наставник, полицаец и гинеколог, кој е обвинет за правење нелегален абортус, се уапсени.

Поради тоа, косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги повика највисоките полициски службеници и побара да бидат преземени мерки за тоа да не се случи повторно.

Косовскиот претседател Хашим Тачи го нарече овој случај „трагичен и монструозен чин“. Неколку стотици луѓе се собраа во петокот во Приштина и пред полициската станица во Глоговац за да го искажат својот гнев и да бараат правда и оставки.

Протестантите носеа транспаренти со ознаки „Опасност, педофилска зона“ и извикуваа „Срамота“, „За силувачите затвор“ и слично.

Покрај протестите, во петокот беше закажана и вонредна парламентарна седница каде што еден од пратениците, Фатмир Колачак, рече дека девојката била жртва на оние на кои им верувала најмногу.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде