Американската скијачка Линдзи Вон денеска го освои бронзениот медал во спуст на Светското првенство во Оре, во својата последна трка во кариерата.

„Ова е се што посакував денеска. Морам да признаам дека бев малку нервозна, веројатно и најнервозна во животот. Сакав вака да ја завршам кариерата“, изјави Вон по трката.

Вон со освојувањето на оваа бронза постави уште еден рекорд откако стана првата скијачка која освојувала одличја на шест светски првенства.

Легендарната Американка токму во Оре пред 12 години ги освои своите први два медали, сребро во спуст и супервелеслалом. Таа кариерата ја заврши со две светски злата, три сребра и три бронзи.

„Ти благодариме Линдзи. Ѕвезда засекогаш“, пишуваше на еден од транспарентите покрај патеката во Оре.

Титулата светска шампионка ја одбрани Словенката Илка Штухец која трката ја заврши со време од 1:01,74.

Сребрениот медал и припадна на Корин Сутер од Швајцарија која зад победничката заостануваше 23 стотинки, додека Вон од Штухец беше побавна а 49 стотинки.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде