Англискиот тим Ливерпул фудбалски го понижи Баерн Минхен на „Алијанц арена“ со 1-3 и заедно со Барселона се пласира во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Каталонскиот состав со 5-1 на „Камп Ноу беше подобар од Лион, откако и двата дуели завршија без голови на првите средби.

Ливерпул беше доминантен во Минхен. Тимот на Јирген Клоп поведе со голот на Садио Мане во 26.минута по грешката на Нојер, а Баерн Минхен сепак на одмор замина со нерешен резултат, откако Матип си постигна автогол во 39.минута. Но, Англичаните беа многу подобар ривал во вториот дел. Вирџил ван Дајк реализираше со удар со глава по корнерот од десната страна во 69.минута, а Садио Мане го докрајчи германскиот првак со својот втор гол во 84.минута.

Барселона беше убедлива против Лион. Лионел Меси од пенал со „паненка“ донесе водство во 18.минута, а Фелипе Кутињо зголеми на 2-0 во 31.минута.

Тусар со голот во 58.минута даде мала надеж за францускиот тим, но Лионел Меси, Жерар Пике и Осман Дембеле го нокаутираа Лион до крајот на мечот.

Покрај Ливерпул и Барселона, меѓу осумте најдобри во Лигата на шампионите се и Ајакс, Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Тотенхем, Јувентус и Порто.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде