Англискиот шампион во Манчестер Сити се соочува со исклучително тешки казни, вклучувајќи и исфрлањето од Лигата на шампионите, пишува Spiegel.

Германското издание, едно од главните кои извадија многу документи од платформата Football Leaks, уште еднаш ги открива проблемите со финансирањето на „граѓаните“. Клубот е финансиран преку поврзани компании на Кајманските Острови и отворено ги прикрива прекршувањата на финансискиот фер-плеј, според документите кои станаа јавни во ноември минатата година.

Клубот веќе претрпе една санкција поврзана со финансиските регулативи на европската централа во 2015-та, кога клубот сепак успеа да постигне договор. Дел од финансискиот ферплеј ги ограничува можностите на сопствениците на клубови да инвестираат неограничени суми кои ги надминуваат повеќекратно приходите на тимот.

Истрагата против Манчестер Сити тече од минатата година, но за сериозноста на ситуацијата говори и изјавата на шефот на истражниот орган во УЕФА, Ив Летерм, кој рече на база на откритијата на Spiegel дека „ова може да доведе до најтешката казна, а имено исфрлање од турнирите на УЕФА“.

Случувањата изгледа сѐ уште не предизвикуваат паника во англискиот тим, кој отворено ги отфрли сите откритија.

„Одбиваме да коментираме било каков материјал кој или е изваден од контекст, или е украдени од City Football Group, Манчестер Сити или луѓе поврзани со клубот. Желбата да биде нанесена штета на нашиот имиџ е јасна и отворена, се вели во соопштението на „граѓаните“.

Во дел од документите сепак се гледа малку поинаква слика која гласи дека сопствениците на клубот бараат алтернативни начини за финансирање на својот проект.

„Клубот веќе бара начини и разгледува алтернативни варијанти за финансирање, при евентуална казна“, се вели во еден од документите што, според Spiegel, значи начини за финансирање преку фондови, чие финансирање не може да се следи.

Во меѓувреме УЕФА гоистражува Сити и под обвинение за незаконско привлекување на фудбалери под 18-годишна возраст, што пак може да доведе до забрана за трансфери за наредните два трансфер прозорци. На овој начин за шефовите и сопствениците на Манчестер Сити претстојат можеби најтешките недели откако се во клубот, додека станат јасни одлуките на Европската фудбалска централа по овие два исклучително тешки случаи.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде