Апелација- Скопје ја уважи жалбата на Сашо Мијалков, неправосилно осуден на три години затвор во „Титаник 2“, и му го замени притворот во затворот во Шутка со куќен притвор до правосилност на пресудата.

Основниот суд Скопје 1 на 8 март го осуди Сашо Мијалков на три години затвор за примање награда за противзаконито влијание, кривично дело што им се става на товар на луѓе на моќни функции, во случајов како поранешен директор на УБК, кои замолуваат или наредуваат на други функционери и лица за да сторат кривично дело.

Куќен, место ефективен притвор, доби и Бедредин Ибраими, кој беше првостепено осуден на 4 години и 6 месеци затвор за злоупотреба на службената положба и овластувањата.

Веднаш по изрекување на пресудата на 8 март, Мијалков и Ибраими беа спроведени во притвор во затворот во Шутка.

Според првостепената пресуда, Мијалков нарачал преку лидерот на ДПА Мендух Тачи, да му наложи на сопартиецот од ДИК Бедредин Ибраими да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ на штета на тогашниот кандидат за градоначалник Зоран Заев.

На три години затвор во „Титаник 2“ беа осудени и поранешните членови на ДИК Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Елизабета Стефановска, додека лидерот на ДПА Мендух Тачи беше осуден на 3 години и 2 месеца затвор.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде