Шпанскиот тенисер Рафаел Надал одлучи да донира милион долари на семејствата на настраданите во поплавите кои во октомври го погодија источниот дел на Мајорка, главниот остров на архипелагот Балеари.

Надал, кој е роден на Мајорка, тие денови престојуваше на островот и веднаш даде свој придонес и помош со цел да се санираат последиците од поплавите.

Легендарниот Шпанец тогаш со лопата и метла во рацете помагаше при чистењето, а на жртвите им ги отстапи и просториите од својата тениска академија.

Рафа сега отиде чекор подалеку и одлучи да им помогне на жртвите со голема донација која ќе биде од голема помош за луѓето од Мајорка.

„Знаевме дека е голем човек, како што е и тенисер. Му благодариме од срце“, порача градоначалникот на Сант Лоренц дес Кардарсар, Матеу Пуигрос.

Во поплавите кои беа предизвикани од силниот дожд загинаа 13 лица, а најлошо минаа тесните улички и отсечените населби од градот Сант Лоренц на истокот од Мајорка.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде