Новинар и екипа на американска ТВ-станица која емитува програма на шпански јазик, накратко биле приведени во претседателската палата во Каракас, откако го интервјуирале претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.

Инцидентот настанал откако новинарот на „Јунивижн“, Хорхе Рамос, му покажал на Мадуро снимнка од венецуелски граѓани кои јадат од камиони кои транспортираат отпад, објави телевизијата.

Според Би-би-си, опремата на новинарите била конфискувана.

Рамос за новинската агенција „Ројтерс“ изјавил дека шестчлената новинарска екипа ќе биде протерана.

Како што навел новинарот, во палатата бил задржан повеќе од два и пол часа откако Мадуро му рекол дека не му се допаѓаат прашањата што му ги поставува.

Рамос тврди дека овие прашања се однесувале на недостатокот на демократија во Венецуела, тортурата, политичките затвореници и хуманитарната криза.

„Стана зошто му покажав видео од млади луѓе кои јадат од камиони што превезуваат ѓубре. Му кажав на Мадуро дека милиони жители на Венецуела и многу влади од целиот свет не го признаваат како легитимен претседател и го сметаат за диктатор“, изјавил новинарот.

Венецуелскиот министер за информирање, Хорхе Родригез, во врска со случајот рекол дека владата досега примила стотици новинари, но дека нема да поддржи евтино шоу.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде