Кандидатите за претседател денеска официјално ја започнуваат изборната камшања. Гордана Силјановска тргнува од Охрид, Стево Пендаровски од Прилеп, а Блерим Река во почетокот на изборната кампања ќе одржи митинг на плоштадот Скендербег во Скопје.

Предизборната кампања ќе трае до 19 април, по што следува 24 часовниот предизборен молк. На претстојните претседателски избори право на глас ќе имаат 1.808.131 граѓанин. За изборите да бидат успешни, потребно е во вториот изборен круг на 5ти мај да излезат најмалку 40 насто од запишаните гласачи или нешто повеќе од 723.000 избирачи.

На еден ден пред официјалниот почеток на кампањата за шестите Претседателски избори, кандидатите за претседател на државата Блерим Река, Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски денеска во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) потпишаа Кодекс за фер и демократски избори.

Блерим Река по потпишувањето на документот порача дека тројцата кандидати добро се познаваат и сите се колеги, универзитетски професори и затоа, како што рече, не очекува дека претседателската трка ќе биде трка за живот и смрт, туку ќе биде трка која можеби ќе отвори нова страница во изборната историја на Република Северна Македонија.

Тој им посака успех и на неговите двајца противкандидати и додаде дека ќе победи тој што е најдобар, но нагласи  дека е најбитно што ќе се ги исполнат обврските од Кодексот што го потпишаа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде