Десетгодишниот Коља Кузнецов, чија животна желба да се ракува со претседателот Владимир Путин му ја исполни во пресрет на Нова година, почина на интензивна нега на една московска клиника, изјави за РИА „Новости“ неговата мајка Елена Кузнецова.

Коља се бореше против акутна леукемија. Пред да се разболи тренираше борење и самбо и често победуваше. Во училиштето каде што учеше детето сите го паметат како добар другар и вреден ученик, срдечен и добродушен. Коља одеше во секцијата по англиски јазик и учеше да свири на домбра.

Желбата да се ракува со претседателот му се појавила на сон и не можеше ни да претпостави дека еден ден таа желба ќ ему биде исполнета. Ова Коља им го раскажа на новинарите во Кремљ на 27 декември, кога се сретна со претседателот. Штом слушна за желбата на момчето, Путин рече: „Тоа е многу трогателно и за мене неочекувано“. Коља потоа раскажа дека претседателот цврсто му ја стегнал раката.

„Коља почина на интензивна нега на клиниката „Дмитриј Рогачов“ на 19 февруари. Срцето не издржа. Секоја чест за лекарите, презедоа сѐ што беше во нивна моќ, па и повеќе од нивната моќ. Погребот беше на 23 февруари на Денот на заштитникот на татковината. Претседателот ми телефонираше и се обиде да ме утеши“, раскажа мајката на Коља.

Според неа, губернаторот и градските власти на Кисловодск ги презеле на себе сите трошоци за погребот.

„Претседателот испрати огромна корпа со црвени рози“, додаде Елена.

Мајката на Коља раскажа дека во недела во воено-патриотскиот центар каде момчето тренираше ќе се одржат натпреварувања за кадети посветени на споменот на Коља.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде