На пациент од Велика Британија целосно му се повлекол ХИВ-вирусот по извршената трансплантација на матични клетки, што е само втор ваков случај забележан досега, се вели во лекарски извештај објавен во магазинот „Нејчр“.

Машкиот пациент од Лондон, кој се лекуваше од рак, сега е во ремисија 18 месеци и веќе не зема лекови за ХИВ, но истражувачите велат дека сèуште е рано да се каже дали тој целосно е излекуван од вирусот. Тој му бил дијагностициран во 2003-та, а во 2012-та година заболел од Хоџкинов лимфом.

Тој одел на хемотерапија за третман на ракот и потоа му биле пресадени матични клетки од донор отпорен на ХИВ, што довело до повлекување на двете состојби. Во истражувањето биле вклучени експерти од најпрестижните британски универзитети

„Успехот со пресадувањето на матични клетки ни дава надеж дека конечно ќе пронајдеме лек за ХИВ/СИДА“, вели професорот Едуардо Олаварија, кој беше вклучен во истражувањето.

Ова е само втор случај кај пациент да се појави ремисија на ХИВ по ваков третман. Пред десет години, ова се покажало успешно и кај пациент од Берлин, на кого му била пресадена коскена срж од донор со природен имунитет на ХИВ.

Се проценува дека 37 милиони луѓе низ светот се носители на ХИВ, а 35 милиони починале од СИДА од почетокот на 1980-ите.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде