Македонија треба да оди напред, а тоа рече е можно доколку сите чекориме напред и доколку се решаваат проблемите, што, според него, го прави оваа Влада. Напредокот на земјата, како што рече, Пендаровски го овозможува и преспанскиот Договор.

– За среќа се појави нова генерација македонски политичари која реши да не ги става проблемите под тепих и што е многу поважно, по цена на сопствената популарност на својот политички рејтинг и можност да ги загуби следните избори, да ги реши најголемите проблеми кои оваа држава ги има и тоа го направивме, рече Пендаровски и додаде дека таквата политика вродила со плод што, според него, се гледа и од денешната прва посета на премиерот на Грција.

Тој одговарајќи на прашање на граѓанин на собирот за таканареченото егејско прашање, рече дека со овој Договор и Заев и Ципрас направиле многу, направиле големи исчекори на кои се противел голем дел од јавноста во двете земји.

-Ципрас одржа говор во Парламентот на Грција при ратификацијата на Договорот во кој со најжестоки и досега нечуени во историјата на грчката политика зборови ја опиша бегалската епопеја и злосторствата што тогашниот режим во Грција ги има направено кон Македонците. Јавно на парламентарна говорница ниту еден грк тоа не го направил. Не само јавно, туку тоа не го кажал ниту во приватен муабет и затоа треба да му се даде кредит, да го почитуваме тоа што и другите го направиле во овој зовриен политички контекст, рече Пендаровски.

Тоа, додаде, за оваа генерација грчки политичари предводени од Ципрас тоа е работа голема колку планина.

Запрашан дали доколку биде избран за претседател ќе ја интонира химната при некоја идна посета на грчки политичар на земјава, рече дека химната не е предмет на Договорот и оти како што два македонски града ќе го задржат префиксот македонски, и химната, како што потенцира, ќе продолжиме да ја пееме како што ја знаеме. Сепак, истакна тој, при посета на било кој политичари овде или во странство химните се во инструментална верзија.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде