Oпределбите за влез во НАТО и ЕУ се вистинскиот правец да се обезбеди отворање на нови перспективи и дополнителна финансиска поддршка за развој на земјоделското, а со тоа и на оризопроизводството, истакна претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски на вчерашниот митинг со граѓаните од Кочани.

-Не само со влезот во ЕУ, туку со почетокот на преговорите за влез, нашата држава ќе има потенцијална можност да повлече пет до шест пати повеќе пари од европските фондови, во споредба со она што го дава македонската влада, како субвенции за развој на одделни гранки во земјоделството. Тоа е така затоа што Унијата сака да има рамномерен регионален развој, поради што ние би имале огромна шанса, со предлагање соодветни проекти, да добиеме поголема финансиска поддршка од нејзините фондови за земјоделството. Дополнително што ќе имаме корист и од инвестициските фондови за капитални инвестиции, особено во инфраструктурата, истакна Пендаровски.

Одговарајќи на прашања од присутните граѓани на митингот во Кочани, Пендаровски рече дека како претседател ќе се залага за комплетно реформирање на правосудниот систем во државата, нагласувајќи дека е специјалното јавно обвинителство не смее да згасне.

-Политички мораме да овозможиме СЈО да продолжи да живее, ве уверувам дека после изборите потребните две третини за поддршка ќе бидат изнајдени, не затоа што тоа Европа го бара од нас, туку затоа сите сме должни пред себе и младите генераци да покажеме дека ова е правна држава. Секој кој постапувал спротивно на законот мора да одговара, а СЈО ќе мора да ги заврши и тие истраги што ги почна за тој период за кој е формирано. Истовремено и секој од актуелната власт кој ќе ги прекрши законите, ќе мора да одговара пред тоа исто СЈО, додаде Пендаровски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде