Капитенот на Реал Мадрид и шпански репрезентативец Серхио Рамос на 15 јуни ќе прави венчавка од соништата со својата долгогодишна избраничка Пилар Рубио, а меѓу поканетите ВИП гости го нема единствено Кристијано Роналдо. Како што информираат шпанските медиуми, Португалецот и неговата девојка Георгина Родригез не добиле покана да бидат дел од церемонијата што ќе се одржи во катедрала во Севилја. Потоа забавата ќе продолжи и во замок кој ќе биде целосно изолиран од очите на јавноста за младенците и гостите да имаат максимална приватност.

Од поканетите гости, на списокот се сите фудбалери на Реал Мадрид, заедно со претседателот Флорентино Перез, а посебни покани имаат тренерот Зинедин Зидан со сопругата, како и Лука Модриќ, Кејлор Навас и Лукас Васкез кои исто така семејно се дружат со младенците.

Серхио Рамос има дадено покани и за соиграчи од националниот тим на Шпанија. На свадбата ќе бидат присутни Жерар Пике и Шакира, Жорди Алба и Ромари Вентура, Серхио Бускетс и Елена Галера. Поканет е и селекторот Луис Енрике, но тој порад семејни проблеми во моментов е изолиран од другите случувања и не ја води и репрезентацијата. Место меѓу поканетите има и за Висенте дел Боске, поранешниот селектор на Шпанија и тренер на Реал Мадрид, како и за поранешните „галактикоси“, Дејвид Бекам со Викторија, Раул Гонзалес, Роналдо Назарио, Роберто Карлос и Луис Фиго.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде