Со свечена седница на Сенатот на Универзитетот „Гоце Делчев“ –Штип, промоција на новите осум доктори на науки, издавачката дејност и фондот за стипендирање на студентите почна одбележувањето 12 години од постоењето на оваа високаобразовна институција.

Ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев, истакна дека од 27 март пред 12 години, па се до денеска Штипскиот универзитет одговори на барањата и потребите на времето во кое живееме, а сите лоши работи треба да се исправат во иднина.

-Покажавме дека можеме да им дадеме квалитетно образование на младите од овој регион, и не само од овој регион, туку и од целата наша држава. Покажавме дека сме установа која е респектибилна во нашата држава и мислам дека Универзитетот „Гоце Делчев“ си го најде местото меѓу другите високообразовни установи во нашата држава. Сепак, не треба да бидеме идеалисти дека тоа е идеално направено и мислам оти има многу грешки што треба да се исправат во времето што  доаѓа. Голем дел од тие недоречености  ќе бидат отсртанети, рече Боев.

Тој најави дека во наредната академска година очекува да имаат нови студиски програми на англиски јазик на факултетите, а тоа е и шанса за запишување поголем број странски студенти. Смета дека и во таа насока треба да се развива високото образование во државата, кое ќе биде отворено кон сите студенти, без ограничувања за студирање.

Ректорот Боев посочи  дека и оваа година со конкурсот имаат обезбедено средства за 105 стипендии за најдобрите студентите на факултети од универзитетот, а исто така тие се доделуваат и од стопански субјекти, пред се за студенти од техничките науки. Во моментов на овој универзитет има 8 500 активни студенти.

Прашан дали утре со премиерот Зоран Заев ќе разговараат за изградба на студентски дом во Штип, Боев одгвоори дека прашањето е секогаш актуелно и дека со студентски дом ќе биде решен и проблемот за сместување на студентите кои се на  размена преку програмата „Еразмус плус“. Во моментов преку оваа размена има 50 странски студенти кои студираат еден семестар на некој од факултетите. Смета дека еден сместувачки капцитет со 300 легла ќе го реши и овој проблем.

Во изминатите 12 години на факултетите на УГД звање доктор на науки стекнале 35 универзитетски професори, а минатата година докторирале осуммина.

На Универзитет „Гоце Делчев“ денеска беше промовиран и каталогот на 133 изданија кој содржи наслови на 90 учебници, учебни помагала, практикуми, речници и се што е публикувано минатата година. Сите изданија може да се најдат во електронската библиотека достапна за студентите и наставниот кадар.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде