СЈО го стега обрачот околу бизнисменот Орце Камчев и неговиот некогашен бизнис партнер и поранешен прв човек на УБК, Сашо Мијалков.По три месеци истрага, од СЈО откриваат дека имаат голем број на материјални докази, неколку сведоци, легално прислушувни разговори на дел од осомничените, со кои ја разоткриваат криминалната шема, а со која наводно переле пари, на штета на државата, а во корист на сопственото банкарско салдо. Засега сомнежот е дека се „испрани“ или злоупотребени околу 10 милиони евра.

Во центарот на вниманието на истражителите од СЈО биле петнаесетина македонски фирми, кои се основани или се во сопственост на странски компании, а регистрирани на адреси на Сејшели, Панама, на Британските Девствени Острови, Белизе и на други локации во САД. Низ нив се свртеле милиони, а зад дел од нив се криело името на Камчев, или на негови блиски соработници.

-Дел од сведоците зборуваат без страв и сокривање, но еден дел бараат да бидат загрозени, па дури им е страв да сведочат и со таков статус, брифираат од СЈО.

Инспирацијата за овој случај, пак, обвинителството ја црпи од Влатко Мијалков, брат на поранешниот директор на УБК, Мијалков. Односно слушајќи ги неговите телефонски разговори во „бомбите“, каде што самиот имал статус на таргет, но и останатите таргети, како Ана Камчева, Миле Јанакиески и Оливера Трајковска, а додека зборувале со Орце Камчев, Кристина Камчева, Ненад Јосифовиќ и други соговорници.

Уште во 2002-2003 година се појавил сомнеж дека се избегнува данок кон државата во износ на 5,9 милиони евра, а кој наводно требало да се затскрие со стечај на фирмите меѓу кои биле „Орка спорт“, Орка текстил“ и „Орка холдинг“. Парите преку лажните стечаи се изнесувале надвор од државата, а потоа повторно се враќале назад, но „испрани“.

Имено, 75% од компанијата „Орка холдинг“ била дадена по залог на компанија од САД, „Global Finance Group LLC“, за која компанијата „Орка холдинг“ требало да изработи униформи, но имала и побарување за консултантски услуги. Набргу фирмата била донесена пред стечај, а на ваквата ситуација алармирал тогашниот директор на УЈП, Горан Трајковски, кој предупредувал да не се затвораат фирмите бидејќи многу должат за данок, но и имаат имот од кои може да се наплати, но сепак никој не го послушал.

Вториот дел од истрагата на СЈО е насочен на периодот од 2009 година, кога се отвораат нови фирми во Македонија, нови офшор компании, преку кои се перат парите, а потоа повторно влегуваат во Македонија, како основачки влогови за фирмите. Централниот дел го зазема фирмата „Ексико“, која поседуваше акции во големи акционерски друштва и купуваше плацеви на Водно.

Иако оваа компанија истражувачките новинари во Македонија ја врзуваа со Мијалков, но сепак сите патишта на СЈО водат кон Камчев. Поточно, оваа компанија ја основа „DELTA INVESTMENT LTD“ од Белизе, чиј сопственик пак бил Илија Камчев, а требало да служи за фискализација. Во еден период Камчев, компанијата му ја препушта на Жарко Луковски, но потоа пак се враќа во рацете на Камчев, бидејќи ја купува офшор компанијата „CALVUS LLC“, која исто така била во сопственост на Камчев. Од оваа фирма на сметка на „Ексико“ се слеваат 1,6 милиони евра прилив од странство. Дел од парите завршуваат на сметка на Камчев, а со дел се купува имот во Гевгелија, на кој треба да се градат казина. Според сознанијата на СЈО, Камчев живее во куќа на „Ексико“, а на компанијата е и еден дел од куќата на Мијалков.

СЈО ја истражува и измамата која наводно и била направена на Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во Фершпед поради долг во Еуростандард банка. Таа преку посредник побарала кредите од Стопанска банка АД Битола, а Камчев, кој е дел од Управниот одбор, наместо кредит, според СЈО, и понудил друг начин на исплата на средствата, по што би биле ослободени нејзините акции.

Но откако наводно за нејзината намера дознал Штерјо Наков, побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Трајковска за продажба на акциите формирала фирма со нејзината ќерка, а за управител бил поставен Ненад Јосифовиќ. Тој, без нејзино знаење, како што велат од СЈО, ги продава акциите на фирми и лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена. Парите од зеделката завршуваат во фирмите Ексико, Орка Холдинг и Тимох.

СЈО истражува и за „Бетон Штип“, од каде што сметаат дека Камчев ја купува компанијата за да испумпува пари од неа.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде