Демократски фронт во Собранието на Црна Гора го нарекоа македонскиот спикер Талат Џафери „терорист“, обвинувајќи го дека пукал во македонските полицајци.

На седницата на Цетиње црногорскиот парламент го разгледува предлог-законот за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор за пристап на Македонија. На седницата присуствува и претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери.

Во црногорскиот парламент дојде до инцидент и конфликт меѓу пратеникот на ДФ Милан Кнежевиќ и Миодраг Вуковиќ од ДПС, пренесе Вијести.

Кнежевиќ почна да дофрла за време на излагањето на Вуковиќ, кога пратеникот од ДПС зборуваше дека „е факт дека денес од шесте поранешни југословенски републики четири се во НАТО, и тоа го поставува прашањето пред оние две што се одлучиле поинаку, без разлика дали нивниот избор е правилен“.

„Ние сме убедени дека вистинскиот избор е сите да бидеме во НАТО“, рече Вуковиќ.

Кнежевиќ го прекинуваше Вуковиќ додека овој зборуваше.

Претходно лидерот на Нова српска демократија Андрија Мандиќ рече дека ДФ нема да го поддржи протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.

Тој им приговараше на пратениците од ДПС, кои свечено го дочекаа претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

„Тој е најпознат по носењето автомат и пукањето во македонски полицајци. Срам да Ви е“, порача Мандиќ.

И пратениците од ДФ Јован Вучуровиќ и Милун Зоговиќ му рекоа на Џафери дека бил член на терористичка организација.

Црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ во парламентот рече дека пратениците носат историска одлука, бидејќи Црна Гора првпат одобрува пристап на некоја друга држава во НАТО.

Тој рече и дека пристапувањето на Македонија во НАТО е добра вест за целиот регион.

„Поддршката за Македонија е високо на агендата на Црна Гора. Како член на НАТО, Црна Гора е активен промотор на понатамошното проширување на НАТО“, рече Дармановиќ и додаде дека ова е единствениот начин да се постигне напредок на Западен Балкан.

„Мисијата на Алијансата е порелевантна од кога било“, рече Дармановиќ. Се верува дека влезот на Македонија во НАТО позитивно ќе влијае на стабилноста и безбедноста на оваа земја, но исто така и на безбедноста на регионот.

Пратеникот од ДПС Обрад Станишиќ смета дека членството на Македонија во НАТО ќе даде полн придонес во стабилноста на Западен Балкан.

„Во тоа имаат целосна поддршка од Црна Гора“, рече Станишиќ.

Членките на НАТО на 6 февруари потпишаа протокол за пристапување на Македонија во Алијансата.

По ратификација на Протоколот за пристапување во парламентите на сите 29 земји членки на НАТО, земјава официјално ќе стане полноправна членка на Алијансата.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде