Во Србија никогаш не живееле помалку жители отколку денес, а статистиката со просечната возраст од 43 години покажува и дека населението никогаш не било постаро, објави во неделата Радио-телевизија Србија (РТС).

Србија, според овие податоци, се наоѓа на самиот врв од земјите со најстара возрасна структура на населението, а според последните официјални податоци од 2017 година, уделот на популацијата повозрасна од 65 години бил 19,63 отсто, рече за РТС, Сања Јанкелиќ, од државното биро за статистика.

Во Србија минатата 2018 година биле родени 64.894 деца, што е само 160 повеќе отколку пред три години, кога во матичните книги на родените биле запишани најмалку деца од почетокот на XX век.

Сите очекувања и демографски проекции за возраста на населението укажуваат на тоа дека овој тренд на стареење на српската популација ќе продолжи. „Очекуваме и натаму континуиран пораст на уделот на повозрасните од 65 и повеќе години“, предупреди Јанкелиќ.

Мрачните процени демографите ги темелат и на фактот дека продолжува интензивната миграција на младите и особено иселувањето од Србија. А токму тие се делот од популацијата од кој се очекува да го поправи наталитетот на нацијата.

Алармантнтие податоци за депопулацијата во Србија беа истакнати и на недоамнешниот форум на Економскиот институт – Храна за Европа, кога беше предупредено дека бројот на населението се намалува дури во 86 отсто од српските села, како и дека околу 1.200 села се во процесот на исчезнување, што е приближно четвртина од вкупната бројка од 4.709 населени места во Србија.

Во секое од тие 1.200 села во исчезнување, просечно има помалку од 100 жители, а дури во 86 отсто бројот на жителите континуирано опаѓа, покажуваат последните официјални податоци од 2017 година. Негативниот тренд во меѓувреме продолжува, велат стручњаците. Се прави и споредбата дека површината којашто ја опфаќаат овие села во изумирање, територијално е приближна на површината на поранешната јужна покраина Косово и Метохија, на која живеат околу 1,83 милини луѓе.

Иако српската влада уште во 2008 година ја усвои Стратегијата за поттикнување на раѓањата, овој документо никогаш вистински не заживеа, имајќи предвид дека е донесен во времето кога светската економска криза попречи реализација на многу планови и стратегии.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде