Четириесетишестгодишниот тетовец А.А синоќа бил убиен од страна на тетовецот Л.Д (46), во угостителски објект на улица „29 Ноември“ во Тетово. Тие претходно, заедно со уште неколку лица седеле на една од масите и пиеле алкохол.

Како што соопшти МВР, Л.Д. сам се пријавил во Полициската станица Тетово, а во врска со случајот уапсени се уште две лица М.А. (31) од Тетово и Л.Р. (37) од с.Лисец, а едно само се пријавило. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е дадено на обдукција и се работи на целосно документирање на случајот.

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово заедно со увидни екипи од Министерството за внатрешни работи до раните утрински часови вршеа увид на лице место во објект на ул.„ 29 Ноември“ во Тетово, каде синоќа околу 23.50 часот едно лице беше убиено.

„Обвинителот издаде наредби за прибирање на траги од лице место и нивно вештачење, како и за вештачење на чаурата најдена на местото на настанот. Издадена е и наредба за вршење на обдукција над починатото лице. Извршено е фотографирање и скицирање, како и други дејствија во насока на расчистување на кривично правниот настан“ се наведува во соопштението од обвинителството во Тетово.

Според информациите, убиството се случило откако на маса во објектот заедно седеле пет лица и пиеле алкохол. Во еден момент, напаѓачот, извадил пиштол, го репетирал и испукал проектил во едно од лицата. При тоа му нанел смртоносни повреди од кои човекот починал на лице место. По убиството, групата веднаш побегнала, за подоцна двајца да бидат приведени од полицијата, а другите двајца, меѓу кои и убиецот, сами се пријавиле во полициска станица.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде