Независниот академски синдикат (НАкС) во текот на вчерашниот ден оствари средба со министерот за образование и наука, Арбер Адеми и неговите соработници.

Уште во септември 2018, НАкС ја поздрави одлуката на Владата за отпочнување на процесот за покачување на платите во секторот образование, кој е клучен за развојот на општеството. Сепак, во изминатиов период, покачувањата се однесуваа само на основното и средното образование.

На министерот Адеми претставниците на НАкС му изложија:

– барање висината на платите да се пресметува согласно минималната плата во Република Македонија помножена со соодветен коефициент за секое звање, а коефициентот за звањето редовен професор да изнесува најмалку 5;

–  барање за интервентно покачување на платите во висина од 20%, за што на министерот му беше понудена проекција на буџетското зафаќање;

–  алтернативен, скалест модел на пресметка на буџетските издвојувања за платите на вработените во високото образование и науката. Доколку ваквиот модел се спроведе во вид на системска промена, НАкС цени дека на подолг рок би се анулирала неправедната нееднаквост на платите, без прекумерни буџетски импликации;

– несогласување со предвиденото покачување на платите во високото образование и науката од страна на Владата. НАкС смета дека предвидените 5%, и тоа од септември 2019, ни оддалеку нема да го ублажи растечкото незадоволство на вработените ниту, пак, ќе го реши проблемот со неатрактивноста за младите кадри, како и одливот на постоечките квалитетни кадри од овој исклучително значаен сектор за развој на општеството во целина.

 

 

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде