Ескалација има меѓу нуклеарните сили на Индија и Пакистан.

Премиерот на Пакистан, Имран Кан повика на разговори, бидејќи двете нуклеарни сили не може да си дозволат „погрешни проценки“, откако двете земји информираа дека меѓусебно си урнале воени авиони.

Пакистан го затвори својот воздушен простор „на неопределено“, соопшти денеска Управата за цивилна авијација, откако Исламабад утринава објави дека соборил два индиски авиони. Индија подоцна соопшти дека соборила еден пакистански авион.

Извор на агенцијата Франс прес рекол дека Управата за цивилна авијација ги известила сите компании да ги „прекинат операциите во Пакистан“ до нови инструкции.

Голем дел од Индија, северно од Њу Делхи, е затворен за цивилни летови.

Пакистан соопшти дека утринава соборил два индиски авиони во својот воздушен простор. Пакистанската војска вели дека ги заробила двајцата пилоти во нивниот дел на Кашмир, а еден од нив е однесен во болница.

Индиските власти потврдија дека изгубиле еден авион Миг-21 и дека пилотот е исчезнат додека спречувал напад од пакистански авион во регионот на Хималаите. Њу Делхи вели дека индиската војска соборила еден пакистански авион.

До ескалацијата на судирите меѓу двете нуклеарни сили дојде еден ден откако Индија бомбардираше цели во пакистанскиот дел од Кашмир. Њу Делхи вчера соопшти дека извршиле напади врз најголемиот камп за обука на организацијата Џаиш-е-Мухамед, која, според индиските власти, стои зад самоубиствениот напад врз индиските војници во Кашмир на 14 февруари.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде