Вице Заев, брат на премиерот Зоран Заев, во Основниот суд Скопје 2 денеска одговараше на прашања на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е тужен од Вице за навреда и клевета изречени во дебатна телевизиска емисија.

Николовски му предочи на бизнисменот Вице Заев две интервјуа во портал и весник, па го праша дали се чувствува за јавна личност или не. Според Николовски, тој е јавна личност и законот дозволува поголема критика кон јавните личности.

„Јас лично не се чувствувам за јавна личност, јавноста можеби ме смета. И не сум барал јас интервјуа од новинари, туку тие барале од мене“, одговори тужителот Вице Заев.

Потоа, за да докаже дека е сопственик на многу компании, меѓу кои и на таа за производство на медицинска марихуана „Еленица“, а купил и нелегално плацеви за градба на повеќекатници во Центарот на Струмица, Николовски на тужителот Заев му читаше извадоци од написи во неколку портали.

„Парцелата не е со квадратура што ја пишува порталот, купена е транспарентно и на законит начин, на ’Еленица‘ никогаш не сум бил сопственик, освен порано што сум бил член на нејзиниот надзорен или управен одбор, а во производството на канабис за медицински потреби немам допирни точки. Членови на моето пошироко семејство, мои први братучеди, да. Јас не. Јас сум сопственик на фирмите ’Тотал инженеринг‘ и “Тотал електрик“. Сте можеле сè ова да го проверите, а за парцелата за градба, ако ви било нешто сомнително, сте можеле да пријавите во обвинителството. Немате право да ме клеветите и навредувате“, му кажа Заев на тужениот Николовски.

Николовски е тужен од Заев затоа што изјавил „и во Брисел и во Вашингтон многу добро знаат која е ориентацијата на ВМРО-ДПМНЕ и дека таа е прозападна, про-НАТО и про-ЕУ. Всушност, ние сме и прва партија која тоа го промовирала. Во исто време многу добро знаат дека прозападни и про-НАТО и про-ЕУ вредности не се наместени тендери, бизниси за членови на семејството и братот на премиерот, кој станува главен бизнис фактор во државата. Тоа се далеку од едни европски и западни вредности“.

Во тужбата, Вице Заев тврди дека Николовски со клеветата изнел невистинити факти, штетни за честа и неговиот углед. Како што стои во тужбата, изјавата на Николовски е невистинит факт, бидејќи Вице Заев е докажан стопанственик во Македонија и ниту имал наместено тендери, ниту е главен бизнис фактор во државата.

Братот на премиерот навел во тужбата дека тој е чесен човек и успешен бизнисмен со висок углед во средината во која живее и работи и дека „ваквите изјави кај него резултирале со чувство на вознемиреност, напнатост и намалено расположение, пропратено со вегетативна симптоматологија, потење и црвенило на лице кое нешто предизвикало силна душевна болка кај него“.

Николовски во одговорот на тужбата се повикува на член 16 од Уставот со кој се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, како и слобода на јавен настап.

Судијката Кети Германова од Основен суд Скопје 2 го закажа следното рочиште на 12 април 2019 година, кога ќе се продуцира снимката од телефонското јавување на Николовски во телевизиската дебата минатата година и парницата ќе биде завршена.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде