Трагичен настан денеска околу пладне се случи во битолската населба Довлеџик, кога тринаесетгодишно девојче падна во базенот на ЈП “Стрежево“, со кој, од 2017 година и со целиот рекреативен комплекс стопанисува компанијата “БВ Инженеринг“. Според неофицијални информации, повеќе деца од ромска националност кои живеат во близина на Довлеџик, преку оградата се префрлиле за да се бањаат во базенот. За жал, девојчето кое не знаело да плива, паднало и последиците биле фатални. Од “БВ Инженеринг“ не сакаа да дадат изјава пред камера, меѓутоа ни рекоа дека со базенот немаат намера ова лето да стопанисуваат и го уредуваат само детскиот комплекс, а децата влегле преку ограда. Меѓутоа, зошто не ги спречиле и зошто не го обезбедиле базенот, ќе утврдува истрагата.

– Ми е жал за она што се случило и за овој млад изгубен живот. Упатувам сочуство до фамилијата на детенцето, но јас сум изненаден со тоа што во овој период кога друг го стопанисува базенот, во најмала рака би требало да има обезбедување на објектот, за да не се случуваат вакви немили настани – рече Менде Граматковски, директор на ЈП “Стрежево“.

Веднаш по критичниот настан, девојчето било извлечено и однесено во Ургентното одделение на Клиничката болница во Битола во безживотна состојба, но обидот за реанимација бил безуспешен, велат од болницата. Трупот ќе биде предаден во Службата за патологија, а истражните дејствија веќе ги презема Основното јавно обвинителство во Битола.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде