Владејачката СДСМ и коалиционите партнери на вечерашната средба постигнале согласност за заеднички кандидат за претседател. Како што соопшти партијата, ваквата одлука е донесена во интерес на сите партии.

,,Постигната е начелна согласност на лидерско ниво, партиите од Коалицијата предводена од СДСМ да застанат зад заеднички кандидат за претседател на државата, како и заеднички да настапат на престојните претседателски избори, уште во првиот круг.Коалицијата предводена од СДСМ, која ја сочинуваат над 20 политички партии, се води искучиво од интересот на граѓаните, интересот на државата и нејзината иднина.

Договорено е да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, кои се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните”, се наведува во соопштението.

Според СДСМ, заеднички е оценето дека на Република Северна Македонија и нејзините граѓани им е потребен вистински претседател, партнер на граѓаните, партнер на иднината, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата во процесите кои значат напредок, иднина, економија, членство во НАТО и ЕУ.

,,Оттука, функцијата претседател на држвата е од исклучителна важност и со таква одговорност Коалицијата предводена од СДСМ пристапува и во изборот на кандидат за претседател кој ќе работи за граѓаните и ќе ги претстaвува сите граѓани. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Коалицијата, ќе ги продолжи консултациите со партиите од албанскиот блок во владината коалиција, како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, од власта и опозицијата, околу можностите да се дојде до заеднички кандидат за претседател на државата, кандидат за кој што ќе застанат граѓаните”, се додава во соопштението.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде