Ловокрадец кој незаконски бркал и ловел носорози во Националниот парк Кругер заврши несреќно како и неговиот плен – беше изгазен до смрт од слон, а потоа изеден од група лавови.

Четворицата помагачи на ловокрадецот побегнале во страв и ужас, но подоцна бандата била фатена и уапсена од полицијата.

Тие во полициската станица раскажале што се случило со нивниот колега. Следеле носорог за да го уловат, кога на нив наишол гневниот слон и почнал да го гази едниот ловокрадец, што им дало шанса на останатите да побегнат.

Ренџерите во Кругер веднаш почнале потрага во областа позната како Крокодилски мост и ги нашле останките од ловокрадецот.

Она што останало од него биле крвава глава и дел од облеката – останатото било изедено од група лавови.

„Нелегалното влегување во Националниот парк Кругер и движењето низ дивината пеш не е паметно. Многу е опасно и овој инцидент е пример за тоа. Беше жално што ќерките на починатиот не добија повеќе останки што ќе може да ги оплакуваат и погребаат, но ова испраќа моќна порака дека нелегалниот лов е опасен и неморален чин“, рече извршниот управител на Кругер Глен Филипс.

Останатите четворица ловокрадци се во притвор и ќе одговараат пред суд по обвиненија за недозволено влегување во заштитена област и незаконски лов на диви животни.

Не е познато зошто слонот бил гневен и ги нападнал, но како можен одговор може да ја земеме идејата дека природата го возвраќа ударот.

Националниот парк Кругер е најголемиот резерват во Јужна Африка и опфаќа површина од 32.000 квадратни километри. Таму живеат примероци од Големата петорка – носорози, слонови, бафала, лавови и леопарди.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде